ЖРК Куманово го совлада Металург и се искачи на врвот

Со резултат 38:27 ракометарките на Куманово забележаа убедлива победа против екипата на Металург и се искачија на првото место во табелата, како единствен тим кој по 10 кола не бележи пораз. Избраничките на тренерот Симе Симовски го решија натпреварот уште во првото полувреме, па вториот дел од средбата беше чиста формалност во која ракометарките на Металург иако се трудеа не можеа да го достигнат големото водство на домаќинот.

-Во првото полувреме бевме значајно подобри и во нападот и во одбрана, што ни даде предност од некои 10-15 голови, можевме да ја менуваме поставата во второто полувреме да покажеме дека сме подобри како тим од Металург-посочи Катерина Косановиќ, голман на ЖРК Куманово.

-Искрено не очекувавме толку да не ни пружат отпор, ние бевме многу мотивирани, дадовме се од себе игравме фантастично, првото полувреме имаше отпор до 15-тата минута, второто полувреме игравме многу подобро и резултатот го кажа своето-дополни Ангела Јанкуловска, ракометарка на ЖРК Куманово.

Задоволство од натпреварот изрази и тренерот на ЖРК Куманово, Симе Симовски кој нагласи дека ракометарките успешно ги одработиле зададените задачи.

-Се подготвувавме долго време не за овој, за секој натпревар, играме исто од почетокот на подготовките и сакаме да направиме систем на игра кој ќе го краси Куманово. Полека девојките го прифаќаат тој систем на работа се виде и денеска постигнавме 38 гола, сегменти на напад, каде во секоја ситуација имаме решение, постигнавме одлична бројка, задоволен сум до работата. Во одбрана може да кажам дека падна малку концентрацијата на крај и примивме неколку евтини голови, шест-седум голови на крајот на натпреварот меѓутоа и тоа е украс на кој треба да работиме бидејќи натпреварот се игра 60 минути-истакна тој.

Од ЖРК Куманово посочија дека ги очекува уште напорна работа, првенството е долго. Во есенскиот дел ги очекуваат уште два лесни натпревари.

Коментари

коментар(и)