Кумановци се „за“ изградба на кружен тек во градот

Современ кружен тек ќе биде изграден на влезот на Куманово, поточно на крстосницата од булеварот „Трета македонска ударна бригада“ и улицата „11 Октомври“. Тендерската постапка е завршена, а наредната недела преку електронска  аукција треба да се избере изведувачот.  Изградбата на вакво сообраќајно решение треба да го растерети сообраќајниот метеж во градот, воедно и ќе се уреди и ликот на градот.

-Трајно решавање на влезот во градот и изградба на современ кружен тек прв во нашиот град, за кој следува постапка и потенцијалните понудувачи ќе се јават и ќе учествуваат-истакна градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

Кумановци ја поздравуваат иницијативата за изградба на овој прв кружен тек во градот. Тие предлагаат надлежните да размислат и за изградба на вакви сообраќајни решанија и на други прометни крстосници во градот.

-Потребно е, се што се направи се е добро. Ќе се намали гужвата во сообраќајот-истакна еден кумановец.

-Требаше многу порано да се направи, во минатото луѓето уште тогаш размислуваат на кружен тек,  а не сега во 21 век. Тоа е најнеопходна работа, навистина да се намали овој сообраќаен метеж, има Куманово простор, треба да се размисли добро и да се направи некоја инвестиција. На влезот е најпроблематично, а многу е важно и градот каков е, по тоа се цени и градот.  Долу каде Митев мост е исто така проблематично-дополнува друг кумановец.

-Неопходна е изградбата на кружни текови, бидејќи семафорите кога работат, кога не. И долу на 3-та МУБ треба кружен тек-истакна еден повозрасен кумановец.

-Многу е неопходно и треба бргу да се направи, инаку хаос е. Многу ни фалат и паркинзи и кружни текови. Новиот градоначалник веројатно тоа ќе го среди, млад човек е перспективен е доста-завршува уште еден сограѓанин.

Реализацијата на проектот чија проценета вредност е 16 милиони денари, е планирана во текот на оваа година.

Коментари

коментар(и)