Кумановци уживаа во претстава „Љубоф“ на хрватската екипа

На втората вечер од фестивалот „Денови на комедија“ синоќа во Центарот за култура беше изведена претставата „Љубоф“, на Градско казалиште „Јоза Ивакиќ“ Винковци и ХК Печух од Хрватска. Станува збор за претстава по текстот на Мареј Шизгал, а под режисерска палка на Горан Рибариќ. Во „Љубоф“ играат Матеа Марушиќ,  Дориан Паулиќ и Владимир Андриќ. Претставата зборува за три лика, кои ги откриваат своите интелектуални, сексуални и психолошки фрустрации на духовит начин. Дејството се случува на еден мост, на кој што се дознаваат трагичните судбини и животни приказни на ликовите кои единствено бараат среќа и љубов.

Актерите истакнаа дека се среќни што за прв пат настапиле пред толку бројна публика.  

–Прв пат сме во Куманово и мислам дека  никогаш не сме имале подобра и побројна публика на оваа претстава, која ја играме многу долго но, ваквата публика навистина не понесе и затоа ние дадовме се од себе и излезе едно прекрасно театарско искуство. За прв пат во Куманово мислам дека ова е спомен кој јас и моите колеги трајно ќе го носиме во срцето. Комедијата е пародија на љубовта, односот меѓу мажот и жената, една неисцрпна тема, но тој додаде уште некои свои нијанси и се надевам дека го изведовме на сцена- изјави актерот Владимир Андриќ.

–Искуството не може да се опише, ние навистина никогаш ниту драмска, ниту некаква комедија од ваков тип не сме играле пред толкава публика, кога слушнавме дека има околу 650 места, не ја создававме така претставата, толку е питома публиката, ние пријатно се изненадивме и тоа не понесе, мислам дека тоа го потврдија и реакциите, но и некако нашиот жар на игра, особено јас како млада актерка сум навистина благодарна на ваквото искуство, изјави актерката Матеа Марушиќ.

Фестивалот продолжува и вечерва со претставата „39 чекори“ од албанската драма при кумановскиот театар.

Коментари

коментар(и)