Масовна посетеност на маскенбалот „ Батко Ѓорѓија“

Групната маска „Симбол на мирот“ на техничкото училиште Наце Буѓони е првонаградената маска во категоријата на средните училишта на 12-от по ред маскенбал „Батко Ѓорѓија “ што се одржа денеска на градскиот плоштад. Разиграни вампири, Мики мауси, гаврани, подземни животни  како и многу други ликови од цртаните филмови  и од сериите  денеска продефилираа низ кумановските улици и плоштадот. Околу 2500 учесници од најмала возраст до средношколците преку индивидуални  и групни маски ги покажаа своите фантазии и желби.

Второто место и припадна на гимназијата Гоце Делчев со маската Шах -мат, а третата награда ја освои земјоделското училиште Киро Бурназ со маската „Never more “.

Во категоријата на основните училишта првото место го освои Кочо Рацин со маската „ Морски свет“, втората награда е за основното училиште 11 Октомври за маската „Пролетна ливада“ и третото место му припадна на Вук Караџиќ, со маската –„Снешко“. Кога станува збор за најмалите учесници , првото место го освои маската „Журка во бара“ од градинката Славејче, втората награда ја освои маската „Мали јапонци“ од Буба Мара а третото место припадна на маската „Весели печурки“ од градинката Пчелка.

Од индивидуалните  маски , првото место и припадна на маската „Паун“, учесник од Кочо Рацин, второто место го освои „Американецот Сем “ и третото место  и припадна на маската „Индијанка “ од основното улилиште Магдалена Антова.

Батко Ѓорѓија е синоним за карактерот на Куманово, човек шегобиец, мераклија па и традиционалниот маскенбал е во тој стил велат организаторите.

-Учествуваат 45 групни маски, 10 индивудуални и две ревијални меѓу кои и маска од струмичкиот карневал„  Тримери“изјави Цоки Ристовски, Сектор за култура и спорт

Маскенбалот го прогласи за отворен градоначалникот на општина Куманово Зоран Дамјановски .

И годинава членовите на денс студио „Мак“  настапија со свои точки  пред да продефилираат маскираните учесници на плоштадот.

Маскенбалот од година в година е се помасовен ,а организаторите ќе настојуваат „Батко Ѓорѓија“  да прерасне во карневал. Годинава за организацијата на овој маскенбал општината одвои 100.000 денари.

Коментари

коментар(и)