166 избирачки одбори во општина Куманово

Според Роковникот за извршување на изборни дејствија, денеска почнува изборната кампања за предвремените парламентарни избори на 5 –ти јуни. Изборната кампања ќе трае до 3 –ти јуни на полноќ.

Изборната кампања, како што стои во Роковникот, предвидува јавно собирање и други јавни настани организирани од страна на учесниците на изборите, јавно истакнување на плакати, видео презентации на јавни места, изборно медиумско и интернет претставување, дистрибуирање на печатени материјали и јавно претставување на потврдените кандидати од надлежните изборни органи и нивните програми.

Државната изборна комисија, за учество на изборите на 5 јуни ја потврди само кандидатската листа на ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери.

Од утрово работно и во општинската изборна комисија во Куманово.

-Денеска се координират сите членови и претседатели на избирачки одбори, треба во најкраток можен рок да се состават избирачките одбори. Во Куманово има вкупно 166 избирачки одбори. Селата Клечовце, Орашац и неколку околни села се во изборната единица 3, изјави Ненад Саздовски, претседател на ОИК, Куманово

Актуелниот министер за надворешни работи, Никола Попоски e носителот на кандидатската листа на ВМРО-ДПМНЕ за изборна единица 2, каде се наоѓа и Куманово, како најголема општина во Република Македонија. На кандидатската листа за пратеници на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата има четворица кумановци.

-Иван Стоиљковиќ е на четврто место, Зоран Ѓорѓиевски на седмо,  Драган Петковски на 12 –то место и Емилија Трајковска на 16-то место на кандидатската листа за пратеници , изјави Драган Петковски, претседател на ОК ВМРО ДПМНЕ, Куманово

Инаку, кандидатски листи поднесе и Народното движење за Македонија (НДМ), но поради констатирани неправилности ДИК донесе одлука да ги отфрли. Исто така, ДИК ги отфрли и кандидатските листи на Социјалдемократската партија на Македонија (СДПМ), по барање на партијата.

Коментари

коментар(и)