Медиумите бараат итна измена на членот 102

Членот 102 од новиот закон за Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кој е на сила веќе една година, ја отежнува и така лошата состојба во која што се регионалните и локалните приватни медиуми и доколку истиот, остане таков каков што е, многу бргу ќе се доведе во прашање опастанокот на јавните гласила, а воедно и ќе се намали транспарентноста во работењето на иституциите. Ова е ставот на главниот и одговорен уредник на телевизија Плус од Куманово, Драган Ивановски, кој е и член во Управниот одбор на Здружението на локални и регионални приватни радиодифузери „Медиум Објектив“.

Имено членот 102 гласи, „Државните органи, органите на државната управа, јавните претпријатија, единиците на локалната самоуправа, јавните установи и институции како и правните лица со јавни овластувања и трговските друштва во целосна државна сопственост не смеат да предвидуваат средства за информирање и запознавање на јавноста со своите услуги или активности преку приватни радиодифузери“. Согласно ова, приватните радиодифузери не можат да извршат наплата за каква било реално испорачана услуга кон сите установи, државните институции, единиците на локалната самоуправа, јавните претпријатија, и слично.

Спорниот член беше донесен на 31-ви декември 2018 година, без да биде ставен на јавна расправа. Затоа Ивановски вели дека итно треба да се најде соодветно решение кое ќе одговара на сите, ќе придонесе за намалување на корупцијата во медиумите, но и дека нема да е на штета на локалните и регионалните приватни радиодифузери.

-Ние се бориме за тоа да не е присутна корупцијата во медиумите и да се спречи, но потенцираме дека за опстанок на локалните и регионалните медиуми, е нужно тие да соработуваат со органите на локалната самоуправа  да можат да наплатат за реални испорачани услуги и при тоа на некој начин, не да го обезбедат опстанокот, но да имаат некој посигурен статус при што би можеле избалансирано да информираат и така да опстанат на пазарот и да придонесат за редовно информирање на граѓаните за оние проблеми кои што ги мачат, а се дел од нивниот секојдневен живот, нешто за што не информираат во никој случај националните медиуми, проблеми кои може да се чујат исклучиво на локалните медиуми-наведе главниот уредник на ТВ Плус.

Ивановски посочи дека се согласуваат дека не треба наплатата да се извршува по основ следењето активности на избрани претставници, (градоначалници, директори), но не треба да се ускратат средствата и за реално испорачани услуги во вид на кампања, објави, соопштенија, како и повеќечасовен ангажман за директен пренос од седниците на Советот, кој што веќе неколку години го прави ТВ Плус.

-Ќе го споменам на пример ЈП „Куманово гас“, кое преку кампања треба да дојде до поголем број приклучоци кои ќе резултираат и со поголема финансиска добивка за самото претпријатие. Доколку ние би работеле таков вид на кампања би снимале видео спотови, истите би ги монтирале и потоа емитувале на нашата програма се бориме за тоа, тоа исто да можеме и да го наплатиме. Секако уште нешто што е важно за транспарентноста на работењето на единиците на локална самоуправа преносот на седниците на Советот. Моментално директниот пренос кој се емитува оди по заслуга на телевизија Плус, како општествено одговорен медиум, кој нема намера да ги сопре преносите на седниците на Советот, затоа што мислиме дека со тоа ќе ја ускратиме јавноста за оние информации кои што тие сакаат да ги добијат од прва рака и да видат кој се залага за она што им го има ветено или тие го имаат барано, односно се залага за нивните права и за тоа тие да живеат подобро. Го вршиме тој пренос, но по новиот закон би требале да прекинеме со тоа. Тврдиме дека со тоа сигурно ќе се намали транспарентноста во работењето на единиците на локалната самоуправа-нагласи Ивановски.

За овој проблем веќе се одржале неколку средби  со новинарските здруженија, но и со надлежните министри. Ивановски вели дека со Здружението на новинари на Македонија, имаат различно мислење на оваа тема, но се согласни дека треба да продолжат преговорите, додека од министерствата посочиле дека немаат проблем со промена на постоечкиот член и точна дефиниција, но бараат предлози.

И поранешниот премиер, Зоран Заев при последното гостување во емисијата „СТАВ“ на телевизија Плус, порача дека заради транспарентноста на институциите, но и заради опасноста од згаснувањето на локалните и регионалните медиуми, мора да се најде решение за спорниот член. 

„Советот и опозицијата нема да ги пренесе Сител, Канал 5 , 24 , Алфа туку ќе ги пренесе само локалниот медиум, така што ќе имаат можност да има седници на Совет во живо. Да ги пренесувате макар и постфестум, да се слушне . Вие ги пренесувате ама не можете да наплатите ништо заради тој член 102. Треба да си плати општината затоа што тоа и е дел од одговорноста за транспарентност кон граѓаните. Второ, ако се гради спортска сала во некое село, граѓаните не знаат дека се гради, а треба да бидат информирани. Се прави улица во центарот на градот или на периферијата,  другите граѓани што живеат на други локации треба да го знаат тоа, а националните медиуми или кабелските телевизии нема да го пренесат. Оттука доаѓа директната потреба тој член 102 да се избрише затоа што локалните и регионалните медиуми немате друг начин на свое  опстојување. Тие имаат свои рекламички, помали компании тука што работат и слично , но ако сакаме да имаме транспаретнтност, сериозен фокус, дискусии, дебати во општеството, државата мора да ги најде начините да ги отстрани пречките за одржливост на самите медиуми, рече тогаш Зоран Заев.

Неодамна и техничкиот премиер Оливер Спасовски најави дека се собираат мислења за измените на овој член, по што веднаш следуваше реакција од здруженијата. Ивановски уште еднаш апелираше во име на Здружението на локални и регионални приватни радиодифузери „Медиум Објектив“, да продложи дискусијата на оваа тема, да нема изречни забрани против измените, туку да се најде соодветно решение, кое ќе им одговара на сите.

Коментари

коментар(и)