Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски денеска ги прими младите талентирани спортисти и нивните наставници/тренери, кои постигнаа најдобри резултати на државно ниво на спортските игри за млади – „Плазма”, посакувајќи им успех на претстојните натпреварувања, објави Општина Куманово.
Во соопштението испратено до медиумите се наведува дека кумановските основци се натпреварувале во повеќе спортски дисциплини, на турнирот кој за првпат се организира во нашата земја, како најголема аматерска спортска манифестација во Европа, во организација на Федерацијата на училишен спорт на Македонија, со поддршка од Владата и Министерството за спорт на РСМ.
„Седумнаесет млади спортисти победија во мал фудбал, баскет 3х3 и атлетски дисциплини и се изборија за учество на интернационално ниво.
Победниците ќе учествуваат на младински спортски игри во Сплит, во конкуренција на пет држави од регионот, Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Словенија“, пишува во соопштението.