Од следната недела отпочнуваат активности за партерно уредување на спомен – костурница, изградба на три спортски терени, амфитеатар на постоечкото игралиште и доколку има заштеди на средствата во делот на тендерската постапка, ќе се реконструира и веќе постоечкото игралиште, информираше денеска градоначалникот Максим Димитриевски. Реализацијата на инфраструктурниот проект на оваа локација е преку Програмата за прекугранична соработка помеѓу Косово и РСМ во партнерство помеѓу општините Гњилане и Куманово, а во рамки на обновување и зачувување на културното наследство на овие градови.
-Во рамки на реализација на овој проект ќе се вклучи и ЈП „ Чистота и зеленило“ кое што има обврска да ги дислоцира т.е да ги пресади веќе постоечките садници на оваа локација каде што ќе се реализира градбата и дополнително општината со сопствени средства и со поддршка на „Чистота и зеленило“ ќе засади дополнителен број на нови насади со цел да се зголеми зелениот капацитет во градот. Сметаме дека овој проект, на кој што веќе втора година работиме е од исклучително значење за нашиот град бидејќи спомен – коструница е едно место каде што со години не е инвестирано. Ќе се зголемат не само спортските капацитети туку дополнително ќе се дадат и поголеми можности на нашите граѓани да се рекреираат во овој дел на градот, а од историски аспект секако дека е многу значајна бидејќи тука се наоѓаат и остатоците на нашите предци кои што учествувале во Втората светска војна, изјави Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово
Димитриевски се надева дека во иднина и државата ќе изнајде дополнителни средства да го реконструира и споменикот на Спомен костурница кој што е од прва категорија и е под заштита на државата, а општината да работи дополнително на партерно уредување. Според градоначалникот, оваа локација веќе следната година треба да добие нов, модерен лик со изградени нови спортски терени и дополнителни трим патеки за трчање, рекреирање на младите луѓе, поставена дополнителна урбана опрема, клупи, справи за вежбање и рекреација.
– Околу 180.000 до 190.000 евра е делот на средствата кои што ги добиваме како грант од ЕУ . Ја користам оваа прилика да се заблагодарам на ЕУ за давање на можност за апликација на овој конкурс кој што беше распишан од нивна страна, а е во рамките за прекугранична соработка на општините. Ние со општина Гњилане веќе имаме реализирано еден успешен проект, а тоа е реконструкција на градските пазари или изградба на кровна конструкција на градскиот пазар. Ова е втора позитивна апликација и паралелно преку Центарот за Североисточен плански регион го добивме и проектот со општина Дупница од Бугарија во рамки на оваа апликација за реконструкција на постоечкиот објект на поранешен хотел Солун кој што се наоѓа на т.н. Нагорички сокак. Плановите се да се заврши до крајот на следната година, ние веруваме дека ќе се завршат работите и порано, изјави Димитриевски.
Последниве две години, за разлика од порано за одржување на хигиената, безбедноста и сигурноста на урбната опрема се задолжени дел од вработените во јавното претпријатие „Чистота и зеленило“, кои што дополнително работат и како чуварска служба. Во последната фаза од реализацијата на проектот, вели Димитриевски ќе побараат од Советот согласност за вработување на двајца или тројца редари кои што ќе се грижат за безбедноста на овој комплекс.
Советникот за претпристапна помош во Одделението за меѓународна соработка и евроинтеграции, Донка Петровска најави уште еден проект во овој комплекс.
-Покрај овој проект, како еден вид на заокружување на целиот овој комплекс доаѓа и реконструкција на спомен – куќата која исто така се реализира во партнерство помеѓу две невладини организации од РСМ и од Косово, изјави Донка Петровска, координатор на проектот
Спомен – куќата ќе се реконструира преку проектот: Иницијатива за прекугранична соработка (МАКС – ФОРУМ), финансиран од ЕУ, а се имплементира во партнерство помеѓу: Институт Балкан Про Европа – Скопје и Косовска Фондација за културно наследство без граници.
Спомен – куќата во иднина ќе послужи за изложба на експонати од културното и историското значење на градот.