Општинскиот штаб за заштита и спасување на вчерашниот состанок донесе повеќе заклучоци, препораки и мерки.
-да се формира работна група од претставници на ЈП „Чистота и зеленило“, комунална инспекција, советници и претставници од ромска заедница, со цел да се утврдат времени локации за поставување на садови за собирање на смет (корпи и контејнери), кои ќе бидат поставени на критични места каде што се исфрла најголемо количество на отпад и се создаваат диви депонии (Бавчи, Стари Лозја, Багрем бања Средорек и на влез во населба Перо Чичо),
-сите податоци со кои располага комуналната инспекција да ги проследи до СВР Куманово во врска со пронајдени сторители за исфлање на отпад, создавање на диви депонии и опожарување на јавно- прометна површина за нивно понатамошно постапување,
-се задолжува ТППЕ Куманово да отвори времен пункт на локација Спомен костурница и постојано дежурство на пожарникари за следење на состојбата со опожарување и нивна брза интервенција на насочените критични локации (Бавчи, Стари Лозја, Багрем Бања Средорек и на влез во населба Перо Чичо),
-се бара од СВР Куманово да воведе позорникарски служби во следниот критичен период на посочените локации, поголемо ниво на контрола и превенција од опожарување и создавање на диви депонии, како и исфрлање на смет во речното корито,
-се задолжува Секторот за комунални работи, инфраструктура и сообраќај и заштита на животната средина и природата да организира состанок во следните три дена со сопственици на земјоделски машини и мотокултиватори, кои се занимаваат со давање на услуга. На состанокот да се поканат и претставници на СВР Куманово и комунална инспекција за превенција и решавање на проблемите за неконтролирано исфрлање на смет и градежен отпад на поголем број локации на градот,
-апел до граѓаните да не се опожаруваат стрништа и суви треви (особено во наредниот период), како и да не се фрлаат отпушоци, за да не дојде до појава на пожари. Исто така, ОШЗС апелира до граѓаните сите забележани пожари на отворени површини и лица коишто фрлаат отпад и шут на јавно- прометни површини и речното корито, да се пријават на дежурните телефони 193, 112 и 075/221-372.
-да се достави Допис до Македонски железници за проверка на трасата во делот кај селата Агино село, Романовце и Лопате, поради честа пријава од граѓани дека на тие делови покрај железничката пруга доаѓа до искрење на жици и можност од појава на пожари,
-да се достави Допис до ЕВН Македонија и АД МЕПСО за проверка на високонапонска мрежа – далеководи и затегнување на жици на територија на Општина Куманово, како можен причинител за појава на пожари поради искрење на истите.