Познати добитниците на Ноемвриска награда

Лекарите Радомир Гелевски и Хасан Хасани, како и историчарот Димитар Масевски  се добитници на овогодинешната Ноемвриска награда, како најпрестижно признание кое што го доделува Општина Куманово за врвни достигнувања на поединци, група граѓани или претпријатија, а по повод Денот на градот, 11 –ти Ноември.

Од правните лица добитници на Ноемвриска награда се Женскиот ракометен клуб „Куманово “ и ООУ „Крсте Мисирков“.

Вкупно се кандидирале 28 физички и правни лица, информира претседателот на Комисијата за одбележување на празници и манифестации, Сашо Милковски.

Хасан Хасани е лекар, специјалист педијатар, основач на приватна здравствена установа „Зана“, а наградата му се доделува за неговиот придонес и ангажман во неговата дејност за што сведочат и добиените признанија и пофалници од релевантни институции од земјата и од странство.

Радомир Гелевски е лекар специјалист по абдоменална хирургија и раководител на Оддел за хирушки болести при Општа болница Куманово. Тој е автор и коавтор на повеќе стручни трудови во областа на абдоменалната хирургија, а наградата му се доделува за неговиот ангажман и придонес во здравствената дејност, а особено во унапредувањето на хирушките процедури и интервенции.

Димитар Масевски е историчар и основач на Друштвото за наука и култура „Парадигма“, а наградата му се доделува поради неговата повеќедецениска, културна и општествена и творечка активност, особено во афримација на градот преку издавање на повеќе трудови посветени на историјата на градот Куманово, изјави Сашо Милковски, претседател на Комисија за одбележување на празници и манифестации

Фондот за награди останува ист како и минатата година, 100.000 денари и го делат трите физички лица, а правните субјекти ќе добијат диплома како признание, но не и парична награда, информираат надлежните.

Инаку, што се однесува до женскиот ракометен клуб Куманово кој оваа година одбележува јубилеј од 90 години постоење  е најстар спортски колектив во државата. Наградата им се доделува поради одличните резултати во ракометот кои што ги остварија во изминатите години, а особено за остварениот трофеј Куп на Македонија во сезоната 2019/2020 година.

Општинското основно училиште „Крсте Мисирков“ наградата ја добива за долгогодишната успешна реализација на воспитно-образовниот процес, реализација на голем број воннаставни активности во повеќе сфери и реализација на проекти за што сведочат наградите на учениците и наставниците, посочува Милковски.

Наградите ќе бидат доделени на Свечената седница на Советот на Општина Куманово која ќе се одржи на 11-ти Ноември.

Ноемвриската награда како највисоко општинско признание за прв пат е доделена во 1967 –та година.

Коментари

коментар(и)