Ќе се реконструира истурениот објект на „Браќа Миладиновци“

Со педесет илјади швајцарски франци ќе се реновира истурениот објект на

основното  училиште „Браќа Миладиновци“  лоциран на улицата „Тане Георгиев“ . Проектот за реконструкција на овој објект доби најголем број гласови од учесниците на последната сесија на форумот на заедниците која се одржа  во рамки на проектот „Зајакнување на општинските совети“, а добиена и е потврда од бордот, информираат надлежните.

-Презадоволна од тоа што нашите сограѓани кои што учествуваа и со свои проекти сфатија дека безбедноста на самите ученици во тој објект е приоритет и на градот и на нашата заедница. Она што ние со проектот го предвидовме е промена на кровната конструкција, промена на внатрешна и надворешна столарија, како и внатрешните подови. Мебелот таму е нов, така што немаме потреба во тој дел, а она што уште ќе ни биде потребно, а претпоставувам дека самите ќе мора да го направиме, тоа е промена на канализационата мрежа која е од турско време, ќе мора да го смениме, ќе треба да направиме нешто што е на некој начин квалитетно и добро за да и самиот објект добие и внатрешен и надворешен лик како што доликува на училишен објект, изјави Марина Манојловска, директор на ООУ„ Браќа Миладиновци“.

Објектот е еден од најстарите во градот, изграден во 1912-та година, до сега не е реновиран, а го користат две училишта за ученици од редовна настава , како и посебните паралелки. Директорката Манојловска се надева дека реновирањето  ќе отпочне во најскоро време.

-Она што ние како училиште треба да го обезбедиме е дислокација на учениците ако се реновира во текот на учебната година. Преку Советот на родители веројатно ќе имаме и состаноци со сите родители да утврдиме начин и динамика на дислокација на ученици и динамика на реновирање на целиот објект, изјави Манојловска.  

Средствата за реконструкција на проектот се обезбедени со поддршка на УНДП и Швајцарската агенција за развој и соработка.

Проектот влезе во конкуренција со уште седум проекти кои беа презентирани на последната форумска сесија. Граѓаните, здруженијата, невладините организации, општинската администрација, училиштата сами предлагаа и го избраа приоритетниот проект.

Коментари

коментар(и)