Жална вест за музичката фела во Куманово. Си замина Столе Трајковски, еден од најпознатите музичари во нашиот град кој со неговиот кларинет и саксофон ги освојуваше светските сцени на културно-уметничките друштва. Ја започна својата кариера во „Градската Музика”и ја продолжи во КУД Панче Пешев каде што беше член повеќе од 50 години. Се појавуваше на големите сцени во Франција, Монако, Шпанија, Италија, Бугарија, Романија и ширум поранешна Југославија каде беше повеќекратно наградуван за неговите настапи. Учествуваше и во документарната видеореконструкција „Свадбата во Кокино” во продукција на „Музеј Куманово” каде беа прикажани свадбените автентични обичаи во Кумановско, филмот беше промовиран од Институтот за македонски фолклор.
Неговата музика има оставено длабок отпечаток во промоцијата на македонските и кумановските културни обичаи и традиции. Куманово изгуби еден голем човек, еден страствен уметник, една личност за исклучителна почит. Сочувство до семејството.