Протест пред Основниот суд

Граѓанската иницијатива Протестирам синоќа одржа мирен протест пред Основниот суд. На собирот кумановци побараа да се повлече одлуката за аболиција, оставка на претседателот Ѓорѓе Иванов, како и да се укине одлуката за  избори на петти јуни, се додека не се создадат услови за фер и демократски избори. Mице Дудучки од иницијативата Протестирам истакна дека сакаат слободна држава, во која ќе има еднакви права за сите граѓани, независно од верската и националната определба, полот, возраста, социјалниот статус.

-Нашите барања се да создадеме просперитетна, демократска држава, силни здрави столбови на една просперитетна проевропска држава каде што клептократскиот режим, не може да ги држи во заложништво овие граѓани. Тоа е целта, желбата, потребата на сите слободоумни граѓани во Република Македонија, бидејќи сакаме да живееме во оваа земја, да ја оставиме како демократска  на нашите деца, внуци-нагласи тој.

Тој наведе дека Куманово како мултиетнички и мултикултурен град, секогаш бил на страната на слободата и демократијата. На протестот беше искажана и поддршка за работата на Специјалното јавно обвинителство.

– Куманово е во знак на солидарноста со Скопје и со другите градови кои протестираат. Излезе на улицата за да побара оставка од претседателот Иванов кој донесе одлука за аболиција на криминалци кои всушност претходно се занимавале со политика и исто така наше второ барање е да се одложат изборите за петти јуни бидејќи сметаме дека нема фер и демократски услови за такви избори. Протестот е пред се граѓански, не е партиски воопшто, не пречи  тоа што видни функционери на одредени политички партии се тука. Тоа значи само дека тие се свесни за состојбата во која е државата и дека работат за подоброто-нагласи активистот Љуми Бекири.

Иницијаторите најавија дека протестите пред Основниот суд ќе продолжат и наредните денови.

 

 

Коментари

коментар(и)