Томшиќ: Училиштата се подготвуваат за започнување на наставата со физичко присуство за сите ученици

„Согласно мислењето на Главниот координативен кризен штаб и Владата, подготвени сме наставата да ја започнеме со физичко присуство за сите ученици“, рече Душан Томшиќ, советник во Министерството за образование и наука во гостувањето на утринската програма на национална телевизија, соопшти министерството за образование и наука.

Според советнкиот, исклучоци се учениците со хронични болести, учениците кои имаат хронични болни во семејството, како и од немедицински причини за кои ќе одлучуваат училиштата. За овие ученици ќе има можност наставата да се следи онлајн во текот на целата учебна година. Томшиќ апелираше на доследно почитување на протоколите и истакна дека со нив е предвидено наставата да се одвива со носење на маски во училница, да се прават чести проветрувања, чистење и дезинфекција на училниците, ходниците и останатите простории во училиштата.

„Што се однесува на часот по физичко образование препораката е таа да се одвива на отворено додека дозволуваат временските услови. Инаку овој час ќе се држи без носење на заштитни маски, без разлика дали е во дворот на училиштето или во спортска сала. Во протоколот јасно е наведено дека за време на часот по физичко не треба да има мешање на учениците од различни одделенија, за што училиштата ќе треба да подготват распореди“, рече Томшиќ.

Советникот посочи дека во случај на појава на позитивни наставници, ученици и родители ќе се постапува исклучиво по алгоритмите на Комисијата за заразни болести, која ќе утврдува кој од контактите ќе оди во изолација.

МОН е подготвено со уште две резервни сценарија кои би се применувале во зависност од епидемиолошката состојба, а кое од нив ќе се применува ќе одлучува Комисијата за заразни болести.

 

 

Коментари

коментар(и)