Дополнителен рок за искористување на средства од ИПАРД 2, мерка 7

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ги информира сите заинтересирани за добивање на финансиска поддршка од ИПАРД 2, мерка 7 „Диверзификација на фарми и развој на мали бизниси“, дека се дава дополнителен рок од 15 дена за доставување на апликациите за добивање финансиска поддршка преку оваа мерка од ИПАРД 2-програмата.

Ова значи дека наместо до 22 август 2021 година, комплетната документација заедно со барањето за финансиска поддршка од ИПАРД, заинтересираните ќе може да ги достават до 6 септември годинава.

На овој повик на располагање се над 13,5 милиони евра. Финансиската поддршка по корисник се движи од 1.500 до 1.000.000 евра, не вклучувајќи го данокот на додадена вредност, а повратот на инвестицијата е во висина до 65% од вкупните прифатливи трошоци.

Со помош на средствата кои се на располагање на овој повик апликантите може да инвестираат во следните сектори:

1.Алтернативно земјоделско производство; 2.Алкохолни производи од грозје или овошје и пиво; 3. Колачи, тестенини и пекарски производи; 4. Чај и билни екстракти; 5.Зачини и билки; 6. Слатководна риба, ракови и мекотели;  7. Други производи кои не се наведени во Листа на производи од Анекс I на Договорот за функционирањето на ЕУ. 8. Производство на непрехранбени производи; 9. Занаетчиски дејности, кои се во согласно со Правилникот за определување  дејности кои можат да ги вршат занаетчиите;  10.Обезбедување услуги во земјоделството;  11.Развој на услуги за руралното население; 12. Промоција на руралниот туризам.

Целокупната документација која е потребна за аплицирање може да се најде на веб-страната на АФПЗРР, www.ipardpa.gov.mk. Со помош на средствата од ИПАРД 2-програмата се нуди можност да се модернизираат домашните мали и микро претпријатија, кои се моторот на домашната економија, посочуваат од Агенцијата.

 

Коментари

коментар(и)