Утре ќе се одржи митингот на ВМРО-ДПМНЕ

Кандидатката  за претседател на државата од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија, Гордана Силјановска Давкова, утревечер ќе ја презентира својата изборна програма пред кумановци. На митингот кој ќе се одржи на градскиот плоштад, со почеток во 20:30 часот, ќе се обрати и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Куманово ги повикува граѓаните масовно да се приклучат на митингот.

-Ова е голем митинг за право и правда во Куманово и Република Македонија. Почитувани сограѓани, татковината не повикува! Дојдете да ја поддржиме Проф д-р Гордана Сиљановска Давкова за право и правдина во Република Македонија. Сите сплотени заедно, за правда, за Македонија сите застанати рамо до рамо, заедно за нашата љубов, за нашата инспирација, за нашата емоција, сите сплотени заедно за нашата Македонија. Да застанеме сите под едно знаме, под една химна, и да го означиме почетокот со кој ќе ставиме крај на сите неправди, понижувања и обезличувања нанесени на нашата татковина-истакна Милан Давидовиќ, портпарол ВМРО-ДПМНЕ од Куманово.

Од општинскиот комитет велат дека граѓаните сплотени треба да ја почнат борбата за правда, за нормална и рамноправна држава, држава и народ со своја историја, корен, идентитет, гордост, но и држава која има своја светла иднина.

-Северна е нивната, нашата е само Македонија. Драги кумановци излезете масовно, затоа што денес имаме неправда, а потребна ни е правда. Ова е наша заедничка борба и заеднички ќе ја донесеме правдата во Република Македонија. Ни треба претседател кој ќе води суверено, силно, уверливо и посветено. Професорката Гордана Силјановска Давкова е таквиот избор-дополни Давидовиќ.

Правдата е на наша страна исто како што и победата на овие избори ќе биде на наша страна, завршија од ОК на ВМРО-ДПМНЕ.

Коментари

коментар(и)