(ФОТО) Нови 100 садници, како мерка за почист воздух

Нови 100 садници денеска беа засадени на неколку локации во градот, како мерка за почист воздух. Акцијата ја спроведува јавното претпријатие Чистота и Зеленило во соработка со општината. Градоначалникот Максим Димитриевски истакна дека до крајот на годината ќе бидат засадени вкупно 500 садници.

Екипи на јавното претпријатие Чистота и Зеленило во соработка со локалната самоуправа денеска засадија  100 нови садници во близина на автобуската станица, булеварот Октомвриска револуција и во централното градско подрачје. Акцијата е во рамки на програмата за борба против аерозагадувањето и стратегијата за озеленување на Куманово.

Градоначалникот Максим Димитриевски изјави дека до крајот на годината е предвидено да се засадат околу 500 садници, како дел од мерките за заштита на амбиенталниот воздух.

Тој најави дека има во план да му предложи на Советот, од буџетот за 2020-година, пет проценти од вкупниот износ на капиталните инвестиции, да се насочат за озеленување на градот.

-Куманово мора да добие примат на зелен град. Гледате дека најголем дел од садниците кои што се садени во 50-тите, 60-тите и 70-тите години се веќе стари дрвја, од кои добар дел од нив се склонопадни и имаме за цел најголем дел од нив да ги обновиме и дополнително да засадиме нови. На секое старо дрво кое е склонопадно ќе бидат засадени 10 нови садници. Ако се сеќавате за случајот на улицата Гоце Делчев каде моравме поради проширување на автобуските постојки да исечеме две стари дрвја, ова е резултат токму на таа акција што беше ветено за тие дрвја, денеска засадуваме и така и ќе продолжиме-истакна првиот човек на Куманово.

Садниците со кои денеска се пошумуваше ги произведе јавното претпријатие Чистота и зеленило во расадникот. Директорот на претпријатието, Даниел Стојчевски упати апел до граѓаните да не ги уништуваат новите садници.

Се работи за листопадни дрвја кои ќе имаат поголема вредност и заштита на амбиенталниот воздух. Се работи за дрвја од видот липа, јасен и платан. Во текот на наредниот период ние имаме обезбедено уште садници и оваа акција ќе продолжи во центарот на градот, централно градското подрачје, проширување на патот каде што беа исечени две дрвја, таму ќе засадиме нови 10. Сакам да истакнам дека во текот на оваа година јавното претпријатие има организирано акции за садење на дрвја и тоа 5.000 беа засадени во населбата Гоце Делчев во зелениот појас, над 2.000 на Спомен костурница и во центарот на градот има над 800-истакна директорот на јавното претпријатие Чистота и Зеленило, Даниел Стојчевски.

Според ПМ10 честичките Куманово деновиве се најде на првото место на светската листа на најзагадени градови. Осврнувајќи се на оваа тема, градоначалникот посочи дека се работи за податоци на стара мерна станица, која е лоцирана во болничкиот круг, каде што се наоѓа котлара која користи мазут. Затоа општината дополнително ангажирала надворешни соработници, да го измерат точното загадување. Резултатите покажале дека загадувањето е различно на одредени локации, но се движи до дозволена до висока загаденост. За таа цел како краткорочни мерки веќе се спроведуваат аеросолизацијата и секојдневно перење на улиците, додека од долгорочните мерки покрај озеленувањето  е и ширењето на гасификационата мрежа.

-Ние како општина сме подготвени да испорачаме гас за затоплување на сите домаќинства каде што имаме развиено примарна и секундарна гасификациона мрежа и целта на општината е да го заокружи процесот на гасификација на јавните објекти институциите и индустријата затоа рековме дека од следната година ќе го шириме кракот кон индустриската зона Доброшане, паралелно со тоа во секој момент сме подготвени да го завршиме проектот за гасификација на болницата, но болницата како потрошувач првенствено треба да поднесе барање и да обезбеди финансиски средства за адаптација на нивниот проект за да истиот се стави во фунцкија-нагласи Димитриевски.

Тој посочи дека општината  минатата година со одлука на Советот овозможи субвенција на секое домаќинство во износ од 150 евра за приклучок на гас, но интересот е се уште мал, поради лошата социо-економска состојба на граѓаните. Димитриевски апелираше до граѓаните да пријавуваат случаи на палење на јавни површини и диви депонии.

Коментари

коментар(и)