8 камиони за собирање смет – донација на „Чистота и зеленило“

Преку проектот „Поддршка во воспоставување регионален систем за управување со отпад“, ЈП „Чистота и зеленило“ од Куманово, доби нови осум возила за собирање на отпад.

„Проектот се реализира со помош на ЕУ и конечната цел е да се затвори депонијата „Краста“, да се изгради нова претоварна станица за отпад и целата количина на комунален отпад од Североисточниот и Источниот плански регион да се преработува во Фабриката за преработка на отпад во Општина Свети Николе, која би требало да започне да се гради следната година“, објави градоначалникот Максим Димитриевски.

Директорката Цветанка Ивановска, вели дека камионите ќе се стават во функција од наредната недела, а оваа донација е добредојдена и многу им значи, затоа што ќе го подигне квалитетот на работењето во претпријатието и услугата кон граѓаните.

Таа додава дека со проектот за регионални депонии ќе добијат и 1.400 контејнери, што во наредниот период ќе бидат замена за старите во централното градско подрачје.

 

 

Коментари

коментар(и)