Луција Петровска првенец во „Крсте Мисирков“

Основното училиште „Крсте Мисирков“ денеска на свечена манифестација, со почитување на задолжителните препораки, прогласи првенец на генерација. Титулата најдобра меѓу 11-те најдобри ја доби деветооделенката, Луција Петровска. Освен најдобрите ученици, признанија добија и наставници, но и вработени од техничкиот персонал. Основното училиште Крсте Мисирков и претходните години организираше вакви манифестации, на кои ги истакнаа лицата кои што изминативе години вложиле максимален труд,

-Оваа година за жал не може да биде толку масовна како минатата, меѓутоа и овие дечиња заслужуваат да бидат истакнати и овие наставници заслужуваат да бидат истакнати како и членовите на техничкиот персонал. За разлика од минатата година оваа година ќе биде според протокол за заштитните мерки кои што ги препорача Министерството за здравство и оваа година за разлика од минатата е тоа што учениците аплицираа онлајн. Минатата година државме состаноци во училиштето, оваа година направивме линк на кој секој ученик имаше право да си се кандидира да го истакне она што го има сработено во своето образование, да направи едно мало резиме за она што е остварано и комисијата немаше тешка задача затоа што најдобар меѓу најдобрите беше ученичката Луција Петровска. И посакувам многу успех во понатамошното образование на неа и на учениците кои завршуваат 9-то одделение, а на сите други им посакувам убав летен распуст-истакна Александар Јовановиќ, директор ОУ „Крсте Мисирков“.

Добитничката на титутлата првенец на генерација, Луција Петровска посочи дека ова признание има големо значење за неа.

-Средното образование ќе го продолжам во гимназијата Гоце Делчев во Куманово и навистина сум среќна затоа што имав огромна поддршка и од наставниците, родителите, семејството-нагласи Петровска.

Основното училиште Крсте Мисирков во првото полугодие од оваа учебна година реализираше и неколку проекти, а даде и значаен придонес во справувањето со кризата од коронавирусот.

-Ја започнавме многу амбициозно годината и во првото полугодие веќе реализиравме два проекти, третиот проект беше планиран за почеток на април меѓутоа пандемијата го направи своето и проектот насловен како 3Д принтер кој требаше да служи за принтање на протези на луѓе и животни го пренаменивме и со него професорот Бобан Поповски со својот тим принташе визери за здравствените работници и истите беа донирани во центарот за јавно здравје, приватните здравствени установи и во болницата. Оваа година иако владее пандемијата училиштето може да се пофали со две меѓународни награди, имено на литературниот конкурс Видое Подгорец насловен како средби под јаворите двајца ученици од нашето училиште освоија награди, ученикот Никола Ристевски освои второ место и Мина Димитриевиќ трето место-истакна директорот Јовановиќ.

Надлежните се надеваат дека од септември ќе се среди состојбата со коронавирусот и учениците ќе се вратат во училишните клупи.