Жител на Лојане загина во сообраќајка

Триесет и шестгодишен жител на липковското село Лојане рано утринава загина во сообраќајка на автопатот Табановце – Куманово. Несреќата се случила еден час по полноќ. Во СВР Куманово било пријавено дека на автопат Табановце-Куманово, патничко моторно возило „фолксваген голф“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од А.А.(36 години) од село Лојане, липковско, излетало од коловозот, информираат од Секторот за внатрешни работи. На местото на несреќата починал А.А, а смрт констатирал лекар од Итната медицинска помош. Екипа од СВР Куманово извршила увид на место на несреќата.

Во друг случај како што информира полицијата шеесет и деветгодишна кумановка се здобила со тешки телесни повреди откако во неа удрил сограѓанин со автомобил. Незгодата се случила на крстосница од ул.100 и ул.101, кога патничко моторно возило „опел“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од Љ.К.(48 години) од Куманово, удрило во Д.Т.(69 години) од Куманово.

Како што појаснуваат од полицијата, во несреќата Д.Т. се здобила со тешки телесни повреди, кои и биле констатирани од лекар во Општата болница Куманово.

За настанот е запознаен Јавен обвинител, а увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Куманово.