Последниот кат од поранешниот хотел Кристал, кој се наоѓа во центарот на градот, денеска околу 11 часот го зафати пожар. Екипа на територијалната противпожарна единица, со едно возило и петмина пожарникари, еден час го гаснеше пожарот. Во истиот е причинета незначителна материјална штета.
-На најгорниот кат биле зафатени кебиња, чаршафи, дрвени сталажи на кои имало материјали за работа и слично-истакна Деан Илиевски, командир на ТППЕ.
Од територијалната противпожарна едниница укажаа дека веќе неколку пати интервенирале на пожари во овој објект. Инаку поранешниот хотел Кристал е во стечај неколку години, но поранешниот сопственик, адвокат Звонко Јосевски, се надева дека истата наскоро ќе заврши.
-Сега е во рацете на стечајниот управник кој треба да ги преземе потребните законски процедури и да дојде до тоа да ги купи некој и да се најде епилог на оваа ситуација, да не ги јаде забот на времето објектите, кои што се од витално значење за Куманово-истакна тој.
Причината за пожарот и материјалната штета дополнително треба да се утврдат.