ВИДЕО: Филмска вечер на отворено во село Умин Дол

Општинското основно училиште „Карпош”  од село Умин Дол викендов организираше филмска вечер во соработка со Фото кино клуб „Козјак” – Куманово и Здружението за локален и рурален развој „Рурал Ума Сто”.

Во летното кино на отворено беа проектирани двата аматерски филма инспирирани од делото на Видое Подгорец.

„Учениците под менторство на наставничката Катерина Димитриевска-Арсеновска ги снимиле филмовите „Сто сонца” (2024) и „Прости ми канаринке” (2025), второнаграден проект на државниот конкурс „Средби под јаворите” (2025 г.). Низ подвижните слики, прекрасните кадри од селото и верно одглумените реплики, учениците на најпрекрасен начин го оживеале зборот на Подгорец“, истакна директорот на училиштето Мирослав Димевски.

Останатите две филмски остварувања „Налепница” и „Јуан од соседството”, беа од ревијата на Меѓународниот фестивал на краток филм „Филмај”.

Проектот на ООУ „Карпош“ е поддржан од општина Куманово.