Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Општина Куманово и здружението ТАЈКА
Градоначалникот Максим Димитриевски денеска потпиша Меморандум за соработка во име на Општина Куманово со здружението за поддршка и развој ТАЈКА – Гевгелија, застапувано од претседателката Тања Јовановска Каркалашева, објави Општина Куманово.
Според објавата на официјалната веб страна на Општина Куманово, потпишаниот документ е од заеднички интерес и тесна координација, со цел да се поттикне општински, регионален и државен развој, во областа на социјалната заштита и благосостојба. Основна цел на соработката е имплементација и афирмација на инвестициони и иновативни проекти со авторско право, (проекти: „Ќерката на орелот” и „Манди”), сопственост на здружението ТАЈКА.
-Преку овие проектни активности, ќе се воспостави нов систем на социјална заштита, во согласност со процесите на деинституционализација, децентрализација и дигитализација, согласно стратешките определби на Владата на РСМ и нивната примена на територијата на Општина Куманово.
Здружението ТАЈКА е инвеститор, имплементатор и донатор на активностите поврзани со проектите, а соработката е насочена кон:
– Лица со попреченост од 18 до 65 годишна возраст,
– Лица со ретки болести и
– Лица изложени на социјален ризик и општествено исклучување – се вели во објавата.