Јавното претпријатие „Куманово план“ бележи загуба во износ од 218.930 денари во периодот од први јули до 30 септември годинава. Ова го покажува извештајот за финансиското работење на претпријатието, кој беше разгледан и усвоен од мнозинството советници на денешната, втора седница на Советот на Општина Куманово.
В.д. директорката на ЈП „Куманово план“, Анета Шандева Доневска образложи пред советниците дека станува збор за квартал во кој не изработувале документација за покрупни проекти, туку најголем дел од средствата што дополнително им биле доделени од Општината во месец јули биле потрошени за елаборати за детски катчиња кои ги изработуваат по цена од 20.000 денари.
„ЈП „Куманово план“ е со мал капацитет, со 12 вработени, без службено возило. Ние првичната изгласана програма стопроцентно ја изработивме во шести месец годинава, по што со ребаланс на буџетот во јули месец добивме дополнителни 4 милиони денари, и сега, повторно поради стопроцентна реализација на програмата, за оваа седница побарав да ја прошириме програмата со средства од 1.500.000 денари за да продолжиме со тековните проекти. ЈП „Куманово план“ оваа година направи капитален проект за нова градинка во населба Зелен рид, а го изработуваме и проектот за реконструкција на основното училиште во село Орашац, кое е руинирано и учениците таму не се безбедни. Го почнавме проектот и бараме средства да можем да го реализираме, кажа Шандева Доневска.
