Во организација на здружението за модерни и спортски танци „Виртус” и танцовиот спортски клуб „Динамик” деновиве во Занаетчиски дом се одржа танцов перформанс под наслов „Аморови стрели“. Настанот е поддржан од Општина Куманово преку јавен повик за финансиска поддршка на предлог – проекти за организирање на културни манифестации во Општина Куманово за 2026 година.
„Преку современ танц, флуидни линии и движења на искусните танчери што се изведуваат во еден здив, перформансот ја прославува силата на човековата поврзаност, следејќи го патот на две души, до моментот на заедничка вибрација, како повик да се преживее љубовта со движење. Минималистичката сценографија, ритамот и напнатоста, ја доловуваат поентата – срцата да станат огледало едно на друго, преку пулсот како мост меѓу два света. Современата кореографија и внимателно изградените сцени во рамките на „Аморови стрели“, покажаа движење како ехо на нежна и силна поврзаност“, посочуваат организаторите.