Градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски денеска даде отчет за сработеното во изминатиот четиригодишен мандат.
„Куманово продолжува да се менува! Ова не е слоган. Ова е завет. Ова е слика од секојдневието во Куманово, кое заедно го изградивме во побезбеден, почист, поурбанизиран, помодерен, попристапен град за сите негови жители“, истакна Димитриевски во воведниот говор.
-Отчетот се темели на три столба- напорна работа, конкретни и видливи резултати и искрен човечки пристап кон сите и за сите. Ќе почнам со она што го чувствува секој од нас – семејниот буџет каде секој денар значи. Куманово е единствената општина во државата што воведе бесплатен јавен превоз за сите граѓани, на сите линии и низ целата територија.Оваа мерка не е само економска, туку и инклузивна затоа што сега секој жител на Куманово има еднакви услови за користење на јавниот превоз. Поддршка за ученикот кој доаѓа од периферија, за пензионерот кој мора на лекар, за работникот кој гради и придонесува, за младите кои се нашата иднина.
Го вративме и го враќаме сјајот на објектите и локалитетите кои се симбол на градскиот живот, по кои е препознатливо наше Куманово.
Спортската сала доби целосно нов лик –заменети се покривот и фасадата, поставен е професионален под според ФИБА стандардите, модерно озвучување, семафор и осветлување, нови спортски реквизити, реконструирани соблекувални и тоалети. Тоа не се само инфраструктура – тоа е ветер во грб за нашите млади спортисти и таленти.
Почнавме со работа и во култната Соколана, која повторно ќе биде гордост на градот. Нов покрив, уреден паркинг, се работи на внатрешна реконструкција. Соколанскиот парк веќе доби целосно нов лик со нова урбана опрема, фонтана и игралишта.
Нашиот најстар парк – Градскиот парке вистинско катче за сите рекреативци, со нова тартан и велосипедска патека, реконструирано спортско игралиште и нова урбана опрема.
Ги засукавме ракавите и започнавме темелна реконструкција на плоштадот Маршал Тито. Тоа е лицето на градот и ќе добие нов изглед со замена на подната површина, канделабрите и урбаната опрема – истакна Максим Димитриевски, градоначалник на Општина Куманово
„ Во изминатите години беа изградени над 13.500 метри атмосферска и фекална канализација, повеќе од 4.800 метри водоводна мрежа, 175.000 м² асфалтирање и реконструкција на улици и патишта, 78.000 м² поставен бекатон, над 2.700 метри гасоводна мрежа, со повеќе од 5 милиони м³ дистрибуиран гас до домаќинства и компании, два нови кружни текови кои придонесоа да се намали сообраќајниот метеж во градот“, рече Димитриевски.
-Град без економија е како театар без публика. Затоа индустриската зона Новина и Речици ја претворивме во жив организам што привлекува инвестиции. Се гради логистички и дистрибутивен центар на „Лидл“, со планирани над 150 нови вработувања. Тоа не е само бројка, тоа се 155 плати, 155 семејства со посигурна иднина, 155 причини млад човек да избере да остане тука, во наше Куманово. А за фирмите, домашни и странски, да изберат да инвестираат тука, мора да имаме функционални јавни услуги. Затоа ја подобруваме кондицијата на јавните претпријатија преку издржани и конкретни инвестиции. Преку проект за подобрување на општинските услуги, обезбедивме вкупно 12 специјализирани возила со опрема и механизација за Куманово Гас, Водовод, Чистота и зеленило и Куманово паркинг. Оваа опрема им помага да функционираат поефикасно и да обезбедат поквалитетни услуги и за граѓаните и за бизнис секторот – истакна Димитриевски.
„Општина Куманово обезбеди подобри услови за посреќни деца, позадоволни родители реализирајќи над 140 проекти во образованието, во шест училишта изградивме мултифункционални спортски игралишта, а осум населби добија нови детски катчиња“, истакна градоначалникот Димитриевски, потенцирајќи дека неговиот сон е Куманово чист град, а за поддршката на културата и спортот говорат стоте културни настани кои беа реализирани под покровителство на општината.
– Иако локалните избори се приближуваат, ние не застануваме со работа. Општина Куманово аплицираше на вториот владин повик за средства од унгарскиот кредитсо вкупно 27 проекти „тешки“13 милиони евра.И самите се сведоци дека во Куманово се работи плански, стратешки и секој ден. И така и ќе продолжиме.
Овие четири години беа период на многу работа и голем број реализирани проекти. Не велам дека нема грешки, никој не е безгрешен, барем не оној што работи искрено и посветено. Јас сум свесен дека треба да се направат уште многу работи за наше Куманово да биде модерен европски град. Но, во едно сум сигурен – Куманово денеска е почиста, посредена и поорганизирана општина од пред четири години. Куманово денеска е посплотена заедница и поквалитетно место за живеење!
Овој отчет не е мој – тој е наш, на сите што живеат во нашата општина. Тој е доказ дека заедно, со напорна работа и искрена посветеност може да направи многу. И во едно нешто сум сигурен – Куманово ќе продолжи да се менува! – кажа Димитриевски.