Во просториите на Општина Старо Нагоричане (сала на Совет) утре ќе се организира традиционална крводарителска акција во периодот од 09:30 до 14 часот. Општинската организација на Црвен крст од Старо Нагоричане ги повикува хуманите граѓани да дадат придонес, како и многу пати досега.
Со утрешната акција ќе се одбележи 10 годишен јубилеј на организирање на доброволни крводарителски акции од страна на Општина Старо Нагоричане и Општинската организација на Црвен крст – Старо Нагоричане во соработка со Црвениот крст од Куманово.
„Во заедничката соработка во изминатите години имаме организирано 3-4 пати годишно доброволни акции од кои дел ги спроведувавме во центарот„ Млади за Млади“ во с. Старо Нагоричане , во општинската зграда на Општина Старо Нагоричане. Во нашите редови имаме членови -доброволни дарители на крв со над 10, 15, 20, 30 дарувања на крв. Нашиот член Давор Арсиќ, како за пример, има дарувано до сега 42 пати крв“, велат од општинската организација.
Во акциите учествуваат голем број на вработени во општинската администрација, припадници на ТППЕ Старо Нагоричане, вработени во ЈКП „Козјак“ Старо Нагоричане , во ПС Старо Нагоричане, дарители од основните училишта на територија на Старо Нагоричане и сите останати хумани и добронамерни жители на општината.
Врз основа на Конститутивно-изборен состанок на Основната организација на Црвен крст на Општина Старо Нагоричане за претседател на Основната организација е избран Мирослав Славковски, дипломиран инженер, а за благајник – Зорица Илиевска.
„Нашата цел во иднина е да продоложи оваа традиција уште многу години, да се прошири бројот на крводарители, да се зголемат единиците крв кои го собираме во текот на акцијата. Имаме цел проширување на нашето дејствување во правец на собирање на финансиски средства, облека и опрема за ученици од ранливите категории на семејства и на сите оние на кои помошта им е неопходна, секако со планско работење и правење на стратегии за во иднина“, се наведува во соопштението од Црвениот крст од Старо Нагоричане.