Министерот за здравство Венко Филипче најави нови мерки кои ќе бидат предложени до Владата. Дел од новите мерки се носење на маска насекаде, со некои исклучоци како што се деца до 6 години, при спортување и при возење во возило на едно семејство, потоа забрането групирање по домовите, и на отворен простор по 22 часот.
Согласно анализата, рече Филипче донесовме одлука за препорака на нови мерки, со цел спречување на ширење на вирусот:
-Забрана на семејни поголеми собири, прослави и забави во домашни услови. Групирањето во домовите, слави, и други собири во групи во едно живеалиште може да биде со лицата од семејството кои што живеат на иста адреса и плус најмногу четворица други од надвор. Анализите покажуваат дека големиот број од новозаразени се од семејни прослави. Исто така, се забранува групирање на јавен простор на повеќе од 4 луѓе после 22 часот. Забрана за собирање во паркови, бензински пумпи и слично. Се воведува задолжително носење на заштитни маски или друга заштитна опрема секаде при престој на отворено, на затворено во било кои јавни објекти, во јавен и приватен транспорт. Исклучок од ова се случаите при спортување, при транспорт во приватно возило ако сите во него се членови на едно семејство, при престој во службени канцеларии ако лицето е само во канцеларија, при седење во кафуле со почитување на мерките. За полициски час , засега не се размислува, рече Филипче.
Инаку, во последните 24 часа регистрирани се 364 нови позитвни на ковид-19. Земјава втор ден бележи висока дневна бројка на новозаболени, по вчерашните 317.
Филипче кажа дека на Инфективна клиника во моментов се хоспитализирани 86 лица, а во Градската општа болница „8 Септември“ 44, од кои 4 се на респиратор.
Во кумановската болница капацитетот е исполнет и пациентите позитивни на ковид – 19 се испраќаат во Скопје, посочи министерот Филипче.
Тој рече дека здравствениот систем во државава е подговтвен да се бори со есенскиот бран, а од граѓаните побара совесно однесување и максимално почитување на сите мерки и препораки кои се на сила.