Од утре граѓаните на Куманово ќе може да поднесуваат барања за субвенционирање на трошоци за комунални услуги за 2025 година, како и барања за обезбедување на помош за домување на материјално и станбено необезбедени лица- корисници на гарантирана минимална помош(ГМП) за годинава. Општина Куманово на официјалната веб страна ги објави соопштенијата во кои се посочени категориите на граѓани кои што ќе имаат можност да аплицираат за финансиската поддршка од локалната самоуправа.
Право на субвенционирање на трошоци за комунални услуги ќе можат да остварат лица кои имаат статус на стечајни работници кои живеат на територија на општина Куманово, а кои не стекнале право на материјално обезбедување , самохрани родители, згрижувачки семејства, деца без родители и родителска грижа, приматели на право на социјална сигурност за стари лица, односно лица со навршени 65 години возраст, лица кои живеат на територија на општина Куманово со навршени 26 години возраст, односно интелектуална попреченост, телесна попреченост, слепо и слабовидно (над 80% оштетен вид) лице и глуво и наглуво (над 65% оштетен слух) лице и Даунов синдром и приматели на право на посебен додаток согласно Законот за детска заштита во којашто категорија на лица спаѓаат деца со специфични потреби кои имаат пречки во телесниот или менталниот развој или комбинирани пречки во развојот до 26 години живот.
Од друга страна пак, право на субвенционирање на трошоци за комунални услуги и трошоци за кирија ќе можат да остварат лица кои имаат статус на корисници на гарантирана минимална помош (ГМП), материјално и станбено необезбедени лица кои живеат на територија на општина Куманово (лица кои живеат под кирија).
Барањата можат да се подигнат во архивата на општина Куманово и на портирница во зградата на поранешен АД „Козјак“ спроти Градскиот стадион (Одделение за социјална заштита, заштита на децата и здравствена заштита).
Барањата со потребна документација се доставуваат до архива на општина Куманово од 16.01.2025 до 16.02.2025 година.
БАРАЊАТА КОИ СЕ ОДНЕСУВААТ НА МАЛОЛЕТНИ ЛИЦА ГИ ПОПОЛНУВА РОДИТЕЛ/СТАРАТЕЛ КАКО ПОДНОСИТЕЛ НА БАРАЊЕ.