Отворен фестивалот „Денови на комедија“

Со претставата „Странци“ во изведба на Драмски театар Скопје, синоќа во Центарот  за култура „Трајко Прокопиев“ се отвори  22- от Меѓународен театарски фестивал „Денови на комедија 2019“.  На годинешнава манифестација ќе учествуваат 12  комедии,  на театри од Македонија, Србија, Хрватска, Бугарија и Албанија. Љубителите на театарската уметност синоќа имаа можност да ја проследат и стендап комедијата на Весна Петрушевска, а Центрот за култура наградата за долгогодишно уметничко творење му ја додели на актерот Илија Струмениковски, за неговите бројни настапи во кумановскиот театар и успешна кариера. Новина оваа година е што гледачите можат да ги оценуваат претставите кои што ќе ги гледаат, по што ќе биде прогласена најдобрата претстава од публиката.

-Навистина сме горди што Куманово има еден ваков фестивал и што салата е исполнета до последно место. Очекуваме успешен фестивал и распродадени претстави. Три дена по пуштањето на билетите во продажба немаше билети. Благодарни сме на сите што ќе гледаат претстави, се извинуваме на сите оние кои не успеаја да најдат билет, меѓутоа салата е 670 места. Сите билети беа пуштени во продажба, така што очекуваме успешен фестивал, навистина сме задоволни што публиката има таков интерес за овој фестивал-истакна директорот на Центарот за култура, Сашо Тодоровски.

Фестивалот за отворен го прогласи градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, кој нагласи дека општината ќе продолжи да го поддржува и им се заблагодари на сите кои низ годините придонеле за неговиот развој. 

-Верувам дека во следните две недели кумановци и гостите коишто ни се дојдени ќе уживаат во комедијата, бидејќи, нели, ние сме градот на шегата, на смеата, на боемството и посакувам да си поминат сите убаво, на актерите професионален настап, како и секогаш досега, и она што е најбитно – да избегаме од општественото секојдневие, изјави Димитриевски.

Фестивалот доби поддршка и од Министерството за култура. На отворањето присуствуваше националниот координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка во Владата, Роберт Алаѓозовски.

-Поддршката е постојана и ние очекуваме дека со новото законско решение кое овозможува манифестации да добијат статус од национален интерес, а со тоа и повеќегодишно финансирање, како и со можноста институциите од областа на културата да добиваат резервиран буџет, да имаат автономија сами да управуваат со буџетот, па во таа смисла тие самите да одлучуваат на која од активностите и манифестациите ќе им даваат повеќе поддршка. Верувам дека доаѓаат подобри денови за самиот фестивал и воопшто дека поддршката на културата и развојот на културата ќе може да донесе поголем развој, поголем квалитет, интернационализација, секако децентрализација- изјави Алаѓозовски. 

Првата фестивалска вечер ја отвори комедијата Странци, во режија на Нела Витошевиќ, во која настапија Игор Ангелов, Ирена Ристиќ, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Зоран Љутков, Сања Арсовска, Филип Трајковиќ и Предраг Павловски. Во наредните денови ќе бидат изведени и претставите: „ Љубаф” на Градско казалиште „Јозо Иванкиќ” од Винковци, Хрватска, „Чекори” на Театар Куманово, „Мој термин“ на МНТ-Скопје. „Одам на лов” на Велешкиот театар,  „Власт” во изведба на „Славија” од Белград,  „Жени пред нервен слом” на Театар Комедија-Скопје,  „Школо за љубовници“ на Академија-Белград, „Смеј се за збогум” на Сатиричниот театар „Алеко Константинов” од Софија, „Доктор Шустер“ во изведба на театарот „Андон Зако Чајупи” од Корча, Албанија,  „Запознај го мојот татко“  на продукција „Како вам драго” од Белград, а „Деновите на комедијата” ќе ги затвори Кумановскиот театар со претставата  „Бегалка”.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)