Претседателот на Владата Зоран Заев, заедно со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски денеска извршија увид во градежните работи во индустриската зона „Новине“ во село Речица. Индустриската зона која треба да стане атрактивна за домашни и странски инвеститори, се уредува со средства кои што ги додели Владата. Околу 24 милиони денари се одвоени за изградба на водоводна и канализациона мрежа, атмосферска канализација, и асфалтирање на улици. Премиерот истакна дека ова е една од најдобрите зони во државата, бидејќи се вкрстуваат коридорите осум и десет. Тој ги повика деловните луѓе да не ја пропуштаат можноста и да купат парцели, кои се со поволни цени, и да почнат да ги градат производствените капацитети.

-Преку коморите ќе определуваме и останати средства за да се доразвива зоната, но секако оваа примарна инфраструктура треба да привлече следен чекор, а тоа е купување на парцели, за веднаш потоа ние да ги следиме со развој на инфраструктурата која што е неопходна за да можат да продолжат инвестициите. Доаѓа добро време иако кризата е пред нас се уште иако следува есента и зимата, навремените мерки околу реазлиацијата на идните бизнис активности се навистина секој пат можеби одлучувачки за профитабилноста и доброто економско поставување на кој било субјект-нагласи Заев.

Заев нагласи и дека секој што ќе инвестира има можност до 50 проценти да добие поддршка доколку е во технолошките развојни зони. Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски истакна дека преку јавни набавки е направена заштеда од три милиони денари, кои повторно се инвестирани во самата зона.

–Општина Куманово во соработка со Владата ќе продолжи да инвестира во оваа индустриска зона. Во моментов правиме план за да излеземе и да ги дадеме парцелите на јавно надавање и истите средства што ќе се постигнат од продажба на слободните парцели да ги реинвестираме во оваа индустриска зона, со цел да се овозможи и на домашните стопанственици, а потоа и на странските инвеститори да инвестираат во оваа зона, во сегментот на лесна и незагадувачка индустрија-истакна Димитриевски.

Индустирската зона Речица која што е 64 хектари има 51 локација, неменета за мали и средни претпријатија. Се наоѓа покрај автопатот Куманово – Табановце, во близина на селото Речица, на само 5 километри од српската граница.