Директорката на „Ангел Шајче“: Вратите се отворени за отчет и ревизија

Огласот за избор на нов директор на кумановската градинка „Ангел Шајче“ е веќе распишан од страна на Управниот одбор на установата, а по претходна дадена согласност од Министерството за труд и социјална политика, информираше денеска актуелната директорка Марина Алексовска, откако претходно ресорното министерство ги одзеде таквите ингеренции на Општина Куманово.

Тие како што рече Алексовска не се одземени во целост, туку само по основ на именувањето на директор. Нејзиниот мандат истекува на 31-ви март.  

Согласно Законот, актуелната директорка побарала согласност од градоначалникот Максим Димитриевски за распишување на постапката за избор на нов менаџер. Откако постапката не била започната, кон крајот на декември Управниот одбор на градинката донел одлука дека ќе го извести министерството за непостапување.

– На 3-ти јануари од страна на министерството дојде надзор, согласно член 200 од Законот за детска заштита каде министерството има обврска и права да врши надзор врз материјално и процедурално работење на општината, тоа не е инспекција, туку надзор, каде што се укажува на некои неправилности. Од тие причини усно му беше укажано на градоначалникот за тие неправилности кои се направени и на 4-ти имаше писмено укажување дека во рок од 8 дена и покрај тоа што го прекршил рокот, по ова укажување треба да даде согласност за објавување на оглас од страна на Управниот одбор. Роковите поминаа и од тие причини, што и покрај укажување од министерката, градоначалникот не постапи, му беа одземени ингеренциите на Општината и Советот на Општина Куманово, изјави Алексовска.

Како што појасни актуелниот менаџер на установата, на градоначалникот му се одземени ингеренции за именување директор, а на Советот во делот на именување на членовите на Управниот одбор.

Алексовска не сакаше многу да ги коментира наводите на градоначалникот Димитриевски дека во градинката со години не била направена ревизија на работењето и покрај поплаките од вработените и граѓаните.

– Тоа за прв пат слушнав дека има поплаки. Досега слушав само убави зборови за детската градинка од страна на сите граѓани, меѓутоа од кои причини го кажа тоа навистина не сакам да коментирам. Во детската градинка ако треба отчет и ревизија секогаш вратите се отворени и можат во секое време да дојдат и да извршат ревизија и увид во работењето на градинката „Ангел Шајче“, изјави Алексовска.

Со добивањето на решението за одземените ингеренции, од Министерството за труд и социјална политика пристигнала и согласноста за распишување оглас за нов директор и постапката е во тек.

Коментари

коментар(и)