Официјално денеска заврши учебната година за матуратите. За разлика од претходните години, овој пат учениците од четврта година не играа квадрил на плоштадот, но дел од нив традиционално со музика и игра си заминаа од училиштето. Директорите на средните училишта на идните академски граѓани им посакаа успех во понатамошниот живот.
-Mожам да кажам дека се помина во најдобар ред според она што беше планирано, од годишната програма на училиштето но и според програмата на Министерството за образование и наука. Матурантите учествуваа во сите активности кои беа предвидени заедно со учениците од останатите години. Во натпреварите кои што се специфични за стручното образование, маскенбалот во Струмица, градскиот и останати-изјави директорката на Перо Наков, Лидија Тасевска.
На матурантите во идниот период им претстои државната матура. По тој повод тие ќе имаат можности да следат консултативна настава и на тој начин да се подготвуваат за испитите. Првото тестирање по македонски или албански јазик ќе се одржи на 4-ти јуни.