Ретроспективна изложба на Димитар Стојчевски

Во Уметничката галерија синоќа беше отворена ретроспективната изложба на академскиот уметник Димитар Стојчевски. Кумановци имаа можност да видат 40-ина дела работени во техника масло на платно, акрил, како и цртежи работени во последните четири децении. Изложбата се реализираше во соработка со Градскиот музеј од Крива Паланка. Авторот Стојчевски истакна дека неговата прва изложба во Куманово се одржала во далечната 1974 година.

 

Повеќето од делата на Стојчевски се однесуваат за манастирот Свети Јоаким Осоговски. Тој се стремел со обработката на овој познат манастирски комплекс со карактеристичните симболи да пронајде „нов духовен амалгам“ .

Димитар Стојчевски е роден 1940 година во Сисак, Република Хрватска. Средното училиште го завршил во Скопје на одделот за декоративно сликарство во 1959 година, по што се запишал на Академијата за ликовна уметност во Белград. Од 1969 година е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, а од истата година е и вработен на Градежниот факултет во Скопје. Во 1987 година заедно со други ентузијасти ја формирал ликовната колонија Свети Јоаким Осоговски во Крива Паланка. Неговите деле се наоѓаат во приватни збирки и колекции во Македонија, Грција, Германија, Шпанија, Англија и САД.

 

 

Коментари

коментар(и)