Се одржа државен натпревар на млади техничари

Во основното училиште Кочо Рацин денеска се одржа 53-от Државен натпревар на млади техничари и природници, кој го организира Сојузот на здруженија за техничка култура на Македонија, Народна техника. Над 300 ученици имаа можност да ги презентираат своите вештини и знаења во 22 дисциплини, односно астрономија, бродомоделарство, воздухопловно моделарство, градежништво и архитектура, електроника, ракетно моделарство, роботика и автоматика, фото техника и многу други. Претседателот на Сојузот на здруженија за техничка култура, Зоран Тодоровски истакна дека на натпреварот учествуваат ученици кои минатите недели освоиле први места на 14-те регионални натпревари.

Пред присутните се обрати и директорката на Кочо Рацин, Лидија Пешевска која на гостите им посака добредојде, пријатно да се чувствуваат во нивното училиште и да победат најдобрите.

Натпреварот за отворен го прогласи градоначалникот Зоран Дамјановски кој нагласи дека му е чест што токму Куманово е домаќин на едно вакво натпреварување.

На натпреварот освен учениците и нивните наставници, присуствуваа и претставници од Министерството за образование и наука, државниот просветен инспекторат, советот на општина Куманово, секторот за образование, млади истражувачи на Македонија, меѓународни фондации, директори на основни и средни училишта, јавни претпријатија и слично.

 

 

Коментари

коментар(и)