Со проектот „На патот“ до поубава автобуска постојка во Старо Нагоричане

„Весела станица“ е насловено уметничкото дело на автобуската постојка во општина Старо Нагоричане, на крстопатот помеѓу магистралниот пат кон Бугарија и граничниот премин Свети Прохор Пчињски. Уметничкото дело кое го изработи академскиот сликар Дејвид Стоилковски – Дејс, е во рамки на проектот „На патот“, кој го реализира локалната акциона група АБЕР 2015, а е финансиран од швајцарската амбасада.

Рунираната автобуска постојка се наоѓа на месноста викана Света Петка, кое е едно од првите контактни места на туристите кои патуваат кон Кокино и црквата св. Ѓорѓи.  Таа долго време го нагрдуваше околниот пејсаж и не ги мамеше туристите, да се запознаат со убавините и спомениците кои ги крие овој крај.

Академскиот сликар Стоилковски се потруди да остави својот уметнички печат, претварајќи ја грдата постројка во уметничко дело, кое сега претставува портал кон културното наследство и скриените уметнички вредности на нагоричкиот крај.

Од ЛАГ АБЕР се надеваат дека оваа интервенција ќе ги поттикне сите чинители да воочат дека со минимални средства и време, може да се продуцираат значајни и ефектни продукти, кои ќе ја хранат човековата потреба од естетика.

Оттаму нагласуваат дека се отворени за соработка со сите уметници, како и со сите останати кои што веруваат дека вреди да се вложува во поддршка за уметноста.

Коментари

коментар(и)