Комерцијалните вакцини достапни за кумановци

Во Центарот за јавно здравје во Куманово од вчера започна вакцинацијата против грип, но на граѓаните им се достапни само комерцијалните вакцини. Оваа година се набавени 2.000 вакцини, односно 600 повеќе во споредба со претходната година.

Лицата кои што ќе сакаат да се вакцинираат со четиритипната вакцина која шити од четири типа на вирус, ќе треба да платат 650 денари. Бесплатните вакцини што ги набавува Министерството за здравство, надлежните очекуваат дека ќе стигнат деновиве.

– Матичните лекари ќе можат во текот на наредните денови да обезбедат термини што значи со упат наменет до Центарот за јавно здравје оддел епидемиологија, ќе можат да се примат овие бесплатни вакцини. Тие се наменети за оние лица под ризик, особено за лицата над 65 години, тука се мисли пред се на пензионерите, лицата со хронични болести, децата од шест месеци до пет години и бремените жени. Секако дека вакцинацијата е најдобрата превентива против ова вирусно заболување, така што ние очекуваме во текот на овој период да ја завршиме успешно вакцинацијата и ќе може секој кој има препорака и кој сака да ја прими вакцината навремено да биде услужен-истакна др. Јадранка Стаменковска.

Кумановци може да се вакцинираат секој работен ден од 07:00 до 15:00 часот.

Коментари

коментар(и)