Усвоен извештајот за извршување на буџетот за првиот квартал

Советниците од Советот на општина Куманово на денешната 51 седница го усвоија кварталниот извештај за извршување на буџетот за првиот квартал, како и одлуката за проширување на средства. Раководителот на секторот за финансии, Ирена Илиевска информираше дека во првиот квартал се реализирани 20 проценти од вкупниот буџет на општината, додека 17 проценти е реализацијата на расходната страна.

-Најголемо остварување од тие 20 проценти има во даночната страна, даноците, неданочните приходи како и од дотациите. На приходната страна сите овие приходи се распоредени на поедничени тековни капитални расходи, од тековните за нормално функционирање и подмирување на трошоците на општинската администрација. Од капиталните расходи има исплата на поедничени ситуации кои се завршени во претходниот период почнувајќи од реконструкција и изградба на некои нови улици, тротоари, на базенот, на некој дел од училиштата, спортски сали, и слично-нагласи таа.

За советниците од опозицијата во Советот, од коалицијата За подобра Македонија, извршувањето на буџетот и овој квартал е минимално. Тие сметаат дека локалната власт носи нереални буџети кои не се спроведуваат.

-Трендот за остварување на буџетот од претходните години продолжува и оваа, односно буџетот не се остварува. На крајот на годината како и секогаш ќе имаме ребаланс,  кога ќе ги бришеме сите оние ставки што беа предвидени да се реализираат оваа година. Се врши ненаменско трошење и буџетот како и многу пати до сега што кажавме е бунар на желби-истакна Драган Петковски од ВМРО-ДПМНЕ.

Советниците од опозицијата предводени од ВМРО-ДПМНЕ, нагласија дека надлежните треба да остават простор за решавање на основните инфраструктурни проблеми, а други потоа да размислуваат за поголемите капитални проекти.

Раководителката на секторот за финансии потсети дека општината веќе 4 години работи со блокирана жиро сметка, и ограничен лимит, поради судскиот спор од над милион евра. 

 

 

 

 

Коментари

коментар(и)