(ФОТО)Одлични резултати на младите атлетичари

Одлични резултати остварија младите атлетичари на екипното првенство за пионери, деца под 14 години, кое се одржа викендов на атлетскиот полигон во Куманово. Учесниците се натпреварувале во дисциплините спринт на 60 и 300 метри, најдолга дистанца 600 метри, фрлање ѓуле, скок во височина и далечина и штафета во машка и женска конкуренција 4 х 50 метри.

Тренерот Филип Колевски од Атлетски клуб Куманово, истакна дека е задоволен од настапот на најмалите, и се надева дека во иднина ќе продолжат сериозно да се занимаваат со атлетика, но  и дека ќе станат дел  од репрезентацијата.

– Овој натпревар вообичаено секоја година Атлетската федерација ни го доделува нам заради можностите на оваа патека, 200 метри одговара на повеќето дисциплини. Така и оваа година веќе имаме искуство со најмасовниот натпревар каде доаѓаат најмногу деца, обично почетници, има многу забава, адреналин, радување и е задоволство да се биде домаќин на овој натпревар. Настапивме успешно имавме неколку деца кои се значително помлади од таа генерација, што е мошне тешко на таа возраст и сме задоволни што освоивме второ во машка екипна конкуренција и второ место во женска конкуренција екипно-истакна тој.

Натпреварувачите посочија дека се задоволни од постигнатите резултати.

-Јас се натпреварував во височина и далечина. Во височина освоив прво место, во далечина четврто. Задоволен сум, тренирам една година-изјави Стефан Костадиновски.

-Одам на натпревари веќе две години, оваа година посериозно. Тренирам со тренерот кој секојдневно ми помага и во училиштето и во клубот.  Учествував во скок во височина и далечина, освоив прво место на двете дисциплини, задоволна сум со мојот успех, следната сабота во Скопје имам натпревар пионерски куп, тренирам за подобар успех и се надеваме на подобро-дополни Теа Алексовска

До крајот на годинава Атлетскиот клуб Куманово, кој низа години е на врвот во државата, го очекува пионерски куп, кој е планирано да се одржи следната сабота во Скопје, но и атлетскиот митинг кој ќе се одржи на 12-ти октомври во Куманово. Подготовките се во тек, а турнирот би требало и оваа година да биде меѓународен. Веќе е најавено присуство на екипа од Бугарија, како и на повеќето клубови од државата.

Коментари

коментар(и)