Активен е шумскиот пожар во липковското село Никуштак.
Според информациите од Регионалниот центар за управување со кризи, во текот на вчерашниот ден во Никуштак било интервенирано од воздух со два авиони и еден хеликоптер, но и покрај тоа, пожарот продолжил да се шири. Веќе неколку денови гори нискостеблеста деградирана и дабова шума.
-Во моментов, пожарот сè уште е активен. Таму се наши екипи кои работата на терен. Се работи за многу лош непристапен терен, екипите и покрај тоа што успеваат да стигнат до одредена линија, не можат во целост да ја покријат линијата. Онаму каде е недостапно за пешадијата, делуваат екипите од воздух, но и покрај нивното делување, доколу од земја не се стигне до линиите тешко се санира пожарот. Продолжуваме со интервенција и денеска, со сите човекови ресурси – изјави заменик директорот на ЈП „Национални шуми“, Кире Михаилов, за МИА.
Во текот на изминатото деноноќие пожарникарите од ТППЕ Куманово интервенирале на повеќе локации. Во атарот на липковските села Оризаре и Слупчане интервенирале на опожарена ниска вегетација и мешана шума. Сува трева пожарникарите гаснеле во населбите Ајдучка чешма и Иго Тричковиќ. Куќа била опожарена на улицата „Тоде Мендол“, а сува трева и врби гореле во атарот на селата Шупли Камен и Доброшане. Пожар вчера имало и во атарот на селото Младо Нагоричане. Во маалото Бузинци била опожарена сува трева, а горела и кровна конструкција на плевна.