Задоволна публика, исполнети детските соништа на сцена да пеат хитови од врвни пејачи и групи на македонски, српски, англиски, француски јазик, презадоволни организаторите, Асоцијацијата за култура и уметност „Мулти Арт“ и Телевизија Плус за уште една успешна реализација на фестивалот за деца „Мали, но големи пејачи“.
Песните Црно и бело, И ќе биде се во ред, Врати ми го сонцето, Заветна, како и изненадувањето на вечерта, хорска изведба на големиот хит „Нек живи љубав“ се само дел од богатиот музички репертоар подготвен од младите талентирани изведувачи од Куманово под менторство на стручни лица.
-На сцената на Центарот за култура продефилираа 25 дечиња, 24 песнички, една дуетска, 40 танчери од повеќе танцови студија од Куманово. Расте фестивалот, расте бројот на пријавени, расте бројот на талентирани. Ќе се менуваат пропозициите, ќе се менува фестивалот во поинакво светло, во многу подобро светло и многу сме среќни што одзивот се зголемува и што пронаоѓаме уште многу, многу талентирани дечиња. Се надеваме на двојно повеќе од оваа година и се надеваме на уште поголема организација. Благодарност до општина Куманово за одвоените средства, изјави Драгана Станишковски од Асоцијацијата за култура и уметност „Мулти Арт“ Куманово.
„Во Куманово има многу таленти, одлични млади музичари кои што допрва треба да се надградуваат, а општеството треба да им обезбеди услови за работа“ истакна идејниот творец на фестивалот за деца „Мали, но големи пејачи“ професорот Стојадин Ивановски – Дине, кој пред четириесетина години го формирал Денс- студиото „МАК“ како матична секција на Центарот за култура.
-Куманово има премногу таленти, има премногу добри музичари, само штета е што многу малку се ангажирани во овој процес. Имаме многу млади со кои што треба да се работи и би било добро општеството повеќе да води грижа за младите бидејќи тие секогаш имаат сила, волја, желба, а ние како општество треба да им обезбедиме само услови за работа. Јас сум пресреќен што соработував со децата, многу се послушни, вредни, имавме одлична соработка и со младите и со нивните родители. Општеството треба повеќе да се ангажира да дојде до израз квалитетот на талентираните деца, изјави професорот Стојадин Ивановски – Дине, идеен творец на фестивалот.
Фестивалот за деца „Мали, но големи пејачи“ се одржува втор пат во Куманово, поддржан од Општина Куманово.