Околу 17 милиони евра ќе се вратат кај граѓаните од претстојниот викенд без ДДВ рече на денешната прес -конференција портпаролот на општинската организација на СДСМ Куманово, Катерина Пешиќ – Бошковска.
Таа го најави четвртиот пакет мерки за справување со коронакризата и како што истакна, преку мерките вкупно 470 милиони евра буџетски средства ќе завршат како диреткна помош кај граѓаните и компаниите.
– Со новиот сет мерки, го надоградуваме успешниот проект за поврат на ДДВ кон физички лица. Овој викенд од 10 до12 октомври ќе биде викенд без ДДВ. 350.000 граѓани, веќе постоечки корисници на апликацијата „Мој ДДВ“, за време на продолжениот викенд од 10 до 12 октомври можат да купуваат домашни производи и услуги или компјутери и друга ИТ опрема во вредност од најмногу 30.000 денари и во рок од неколку дена ќе го добијат назад на своите сметки целиот ДДВ, изјави портпаролот Пешиќ – Бошковска.
Пешиќ –Бошковска вели дека се проценува за викендов да се оствари промет од 170 милиони евра, пари кои ќе бидат инјекција за стопанството.
– Досега, за една година преку оваа мерка веќе се вратени над 11 милиони евра кај граѓаните. Го зголемуваме и опфатот на корисници на домашни платежни картички за уште поголемо поттикнување на приватната потрошувачка. Со новиот пакет економски мерки, платежни картички со износ од 6.000 денари ќе добијат над 5.700 самохрани родители, над 180.000 пензионери со пензии до 15.000 денари, невработени лица кои се пасивни баратели на работа, самостојни уметници, филмски работници, културни работници и естрадни уметници, појасни Пешиќ- Бошковска.
Таа додаде дека дополнителни 540 студенти ќе добијат картички „Купувам домашно“, како и граѓаните над 64 години, кои немаат пензија, ниту државна социјална пензија и се со приходи пониски од 15.000 денари, или воопшто немаат приходи. Вкупно, со оваа мерка се опфаќаат над 283.000 наши сограѓани, а нејзината вредност изнесува 27,6 милиони евра.
Пешиќ- Бошковска, им го честиташе и претстојниот празник „11 Октомври“ на граѓаните на Куманово, а воедно информираше дека во недела на одбележувањето на Денот на народното востание на Спомен костурница во Куманово ќе присуствува владиниот врв предводен од премиерот Зоран Заев и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заедно со општинската делегација и градоначалникот Максим Димитриевски.