Општинската организација на СДСМ, вчеравечер официјално ги претстави кандидатот за градоначалник на Општина Куманово Мартин Костовски и листата на кандидати на советници и коалицијата. Носител на листата е Томица Илиќ.
Во своето обраќање пред присутните, Костовски, меѓу останатото порача дека СДСМ сака промени, сака нова енергија за модерно и урбано Куманово.
„Ова не е обична кампања – ова е повик за правда, еднаквост и достоен живот во нашето Куманово. Куманово не е само точка на географска карта. Куманово е народ. Куманово е душа. Куманово е историја на отпор и солидарност. Куманово е наш стил на живот. Нашиот град секогаш стоел исправено – кога било тешко, кога било незгодно, кога другите се двоумеле. Сега, пак, е време да застанеме исправено – но овој пат за развој, за правда и за обичниот човек. Ние не ги забораваме луѓето. Не ветуваме чуда, туку нудиме реални промени“, истакна на синоќешната конвенција, Мартин Костовски, кандидат за градоначалник на Општина Куманово од коалицијата на СДСМ.
Пораки во пресрет на локалните избори упати и носителот на листата на советници Томица Илиќ.