Купот на Македонија „Благоја Георгиевски – Буштур“ и оваа година го освои МЗТ Скопје, кој во финалниот натпревар што се одржа вчеравечер во спортската сала беше подобар од МКК Куманово.
Во официјално соопштение Кошаркарската федерација на Македонија упати искрена благодарност до кошаркарскиот клуб МКК Куманово, кој во периодот од 13. до 15. февруари во Куманово беше домаќин и организатор на завршниот турнир од Купот на Македонија во машка конкуренција, за беспрекорната организација на овој значаен национален настан.
„Со својата посветеност, професионалност и одговорен пристап, клубот домаќин овозможи натпреварите да се реализираат на високо организациско и спортско ниво, во атмосфера достојна за едно вакво престижно натпреварување.
Посебна благодарност упатуваме и до граѓаните на Куманово, како и до навивачката група „Кумани“, кои со своето достоинствено, културно и спортско навивање дадоа значајна поддршка на својот клуб и придонесоа целокупната манифестација да помине во најдобар ред, во духот на фер-плејот и спортските вредности“, пишува во соопштението.
Воедно, Кошаркарската федерација на Македонија упатува честитки до екипата на МЗТ Скопје Аеродром за освоениот трофеј во Купот на Македонија, како и до екипата на МКК Куманово за освоеното второ место и прикажаните квалитетни настапи.