Прв случај на заболен вработен во кумановската градинка. Случајот е потврден кај негователка во објектот „Детелинка“ при градинката „Ангел Шајче“. Од кумановската градинка информираат дека негователката од петокот не присуствува на работа, бидејќи имала висок притисок и крвање од нос, по што и покрај нетипичните симптоми направила тест кој покажал дека е позитивна на вирусот.
Надлежните од градинката информираат веднаш е постапено согласно алгоритмот, известени се надлежните од Министерството за труд и социјална политика, Центарот за јавно здравје, како и локалната самоуправа. По разговорите со епидемиолозите од Центарот за јавно здравје Куманово, со родителите е одлучено овој објект да не се затвори и децата да не се стават во изолација.
-Од епидемилошката служба целосно се запознаени со начинот на нашето функционирање во овие вонредни услови и донесоа таква одлука. Родителите веднаш се информирани уште за викендот и тие така се изјасниле тие деца што во петок дошле денеска се дојдени во таа група – истакна Марина Алексовска, директор ЈОУДГ „Ангел Шајче“ Куманово.
По случајот во објектот е извршена целосна деизинфекција. Согласно протоколот на градинката учителките немаат контакти со колешките од другите групи, децата ниту пак техничкиот персонал. Кумановската градинка во моментов ја посетуваат околу 240 дечиња.