Британската амбасадорка во Македонија, Рејчел Галовеј денеска оствари протоколарна посета на Општина Куманово, при што се сретна со градоначалникот Максим Димитриевски.
На средбата било разговарано на различни теми, меѓу кои и можна соработка помеѓу амбасадата и општината, размена на студенти и испраќање на ученици на дополнителна обука и едукација во Велика Британија.
Воедно биле отворени прашања за наоѓање потенцијални инвеститори од Велика Британија, особено за развој на индустриската зона Новине и Речици, културата, спортот .
-Општина Куманово има соработка со амбасадата на Велика Британија, досега како што знаете благодарение на организацијата на здружението на воени и полициски ветерани беше поставено во соседната општина Старо Нагоричане во село Пелинце спомен плоча на една од британските мисии од Втората светска војна и ова е само еден позитивен пример каде историјата на Македонија и на Велика Британија се заедно бидејќи сме биле сојузници во Втората светска војна и тој сојуз треба да продолжи а сите ние да го надоградуваме-нагласи Димитриевски.
Амбасадорката Рејчел Галовеј посочи дека е ова е нејзина прва посета на градот, па се надева дека ќе биде една од многуте.
-Ние како амбасада се трудиме да излеземе надвор од Скопје, да посетиме и други места низ државата со цел да запознаеме кои се потребите и можностите за соработка низ целата држава, како што и веќе спомнавме има можност за соработка во образованието, спортот како и во однос на нашата заедничка историја која во изминатите 100 години била повеќе околу соработка помеѓу нашите две држави-посочи таа.
Амбадорката Галовеј заедно со градоначалникот Димитриевски подоцна замина во посета на неколку значајни места за градот.


